Поглед: 5
Последните случувања поврзани со палењето на албанското и државното знаме во Северна Македонија, како и настаните на северот на Косово, според првиот заменик-претседател на Владата на РСМ, Изет Меџити, претставуваат тенденција за дестабилизација на регионот.
„Има тенденции во регионот за дестабилизирање на состојбата. Истото се случува и во Митровица со водоводот, со терористичкиот акт, а исто така и овде има сили што сакаат да дестабилизираат. Беше очигледно дека Ноемвриските празници беа одбележани како никогаш досега, започнувајќи со свечената седница на Владата и завршувајќи со централната манифестација на плоштадот „Скендербег“. Празничен концерт каде што учествуваа училиштата, градинките, сите институции и едноставно не можев да направам разлика помеѓу Скопје и Тирана за време на прославите. Тоа на некого му пречеше, тој манипулираше со младите, кои по инструкции сакаа да ја нарушат празничната атмосфера. Како прв заменик-претседател на Владата, ја повикувам популацијата на смиреност, да ја надминеме оваа ситуација, и со голема одговорност велам дека секој што го прекршил законот, член 393, ќе одговара пред органите на правдата“, изјави Меџити.
Тој понатаму додаде дека никој нема да биде испрашуван или одговорен за одбележувањето на празникот или за истакнување на националното знаме или други знамиња, но одговорност ќе има за сите оние што го осквернавиле државното или националното знаме. Тоа веќе не спаѓа во концептот на слободата, туку ја нарушува слободата на другиот.
„Како што се постапи против оние што го осквернавија државното знаме, исто така, во Прилеп ќе се постапи и против оние што го осквернавија албанското национално знаме“, изјави Меџити.