Поглед: 13
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денеска ја пречека првата официјална посета на евроамбасадорот Михалис Рокас. Средбата, на која присуствуваа и секретарот на општината Борче Димитровски, како и советниците од Советот на општина Битола.
„Почестен сум што првата официјална посета на евроамбасадорот Рокас е токму во Битола, која со својата богата историја, култура и традиција отсекогаш била европски град,“ истакна Коњановски.
На средбата беа отворени повеќе теми, вклучително проектите „Just Transition Across the Borders“ и „In-Herit,“ кои се во фаза на евалуација и би можеле да започнат во 2025 година. Градоначалникот информираше и за текот на проектот „Smart4you2,“ каде, покрај предизвиците со кофинансирањето, општината веќе ја започнала изградбата на вело-патеки од над 5 километри, кои ќе бидат финализирани во првиот квартал од 2025 година.
Еден од најзначајните проекти што го нагласи Коњановски е изградбата на пречистителна станица, за кој се очекува поддршка од ЕУ и почеток на реализацијата во првата половина на 2025 година.
Градоначалникот ја искористи можноста да побара поддршка за зголемување на соработката со северна Грција, со акцент на туризмот, трговијата и економијата. Тој ја најави и иницијативата за обновување на соработката со градовите Кожани и Воден, како и збратимување со нов град од Република Грција.
„Битола, како град блиску до границата, е спремна проактивно да учествува во подигнување на регионалната соработка,“ додаде Коњановски.
Оваа прва официјална посета на евроамбасадорот Рокас е позитивен чекор кон зацврстување на врските меѓу Битола и Европската унија, со конкретни иницијативи за развој и партнерство.