Поглед:
35
Вкупно 14 училишта во Македонија се затвориле во период од само една учебна година, покажуваат најновите бројки за бројот на училишта, паралелки и ученици, кои денеска ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС).
Во учебната 2021/2022 година, во државата имало 976 училишта, а веќе следната учебна година, 2022/2023, оваа бројка е 962. Во основното образование лани имало 10.997 паралелки и 182.245 ученици, а година пред таа имало 11.057 паралелки и 184.910 ученици.
„Во основното образование, лани имало намалување на бројот на ученици за 1,4 отсто во однос на претходната учебна година. Во редовните средни училишта, пак, бројот на учениците на крајот на учебната 2022/2023 година изнесува 66.678, што претставува намалување за 3,9 отсто во однос на претходната учебна година“, соопштува ДЗС.
Она што е интересно е дека, иако бројот на ученици на државно ниво се намалува, сепак бројот на наставници расте. За само една година, во образование биле ангажирани 283 нови наставници. Зошто е тоа така, го прашавме демографот Дончо Герасимовски, пишува Мета.
„Наназад 10 години, растеше бројот на наставници и паралелки. Но, сега бројот на паралелки се намалува, а бројот на наставници се зголемува. Тоа е така бидејќи новите наставни програми налагаат повеќе вработувања. Има многумина кои се ангажирани по договор на дело и немаат реенија за неопределено, но и покрај тоа, се водат како вработени“, смета Герасимовски.
Според него, причина за намалувањето на бројот на ученици во земјата е намалениот наталитет и иселувањето.
„Си заминуваат претежно млади брачни парови кои имаат деца, или пак, чии деца се раѓааат во странство. Исто така, вредно е да се спомене и разликата од околу 1.000 ученици на почетокот на учебна година споредено со крајот на учебната година. Тоа значи дека во текот на учебната година тие го напуштиле училиштето и се иселиле“, додава Герасимовски.
Тој неколку пати досега има кажано дека е потребно да се направи стратегија за развој на популациона политика, како и стратегија за образование, како решение за ваквата состојба.