Поглед:
7
За Претседател на Република Северна Македонија е избрана Гордана Сиљановска Давкова, со мнозинство гласови од избирачите кои гласале, односно 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски 251.899, констатираше денеска претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски на седницата на ДИК, објавувајќи ја конечноста на резултатите од гласањето за Претседателките избори од 8 мај.
Записникот за конечност на резултатите од гласањето беше усвоен едногласно на седницата.
Како што најави Даштевски, Уверението за избор за претседател на државата и за претстојната инаугурација на Сиљановска Давкова ќе и биде доделено во 10 часот.
За постапката за сумирање на резултатите за Претседателските избори до ДИК немаше приговори, додека за Парламентарните кои се исто така на 8 мај се доставени девет од Коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Даштевски посочи дека станува збор за групни приговори со опфатени повеќе избирачки места.
По објавувањето на конечноста на изборните резулатати за Претседателските избори, ДИК треба да достави извештај до Собранието за да биде закажана седница за инаугурација на новата претседателка која според најавите ќе одржи утре напладне. Таа пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која и започнува да тече нејзиниот мандат. Мандатот на актулениот претседател и нејзин против кандидат истекува утре.
Универзитетската професорка Гордана Сиљановска – Давкова ќе биде шестиот претседател на Северна Македонија и прва жена која е избрана на оваа позиција.