Поглед:
14
Европската комисија отвори формална постапка со цел да процени дали социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Инстаграм“, кои се во сопственост на „Мета“, го прекршиле Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) во делот на заштита на европските граѓани од ширењето на дезинформации и манипулации од трети земји.
Постапката треба да ги испита политиките и практиките на „Мета“ во врска со спречување на манипулативни реклами и политички содржини на нејзините две социјални мрежи.
Комисијата се сомнева и дека механизмите за означување „нелегални содржини“ и за заштита на корисниците не се во согласност со барањата на Законот за дигитални услуги, како и дека постојат недостатоци во пристапот на истражувачите до податоците на „Мета“.
Постапката е отворена врз основа на прелиминарна анализа на Извештајот за проценка на ризикот доставен од „Мета“ во септември 2023 година и на одговорите на компанијата на формалните барања за информации доставени од ЕК за нелегалните содржини и дезинформации, за пристапот до податоци, претплатата и користењето на генеративната вештачка интелигенција.
Постапката ќе биде насочена кон проверка на сомнежите на Еврокомисијата дека „Мета“ не ги почитува обврските од ДСА поврзани со спречување на ширењето на манипулативни реклами, на кампањи за дезинформации и за координирано несоодветно однесување, кои може да претставуваат ризик за изборните процеси, основните права и заштитата на потрошувачите. Ова пред се ќе биде насочено на проверка на видливоста и пристапот до политички содржини на „Инстаграм“ и „Фејсбук“.
Комисијата, исто така, се сомнева дека Механизмот за известување и дејствување на „Мета“, кој им овозможува на корисниците да пријавуваат нелегални содржини на нејзините социјални мрежи, не е во согласност со правилата на ДСА.
Во пресрет на изборите за Европскиот парламент, но и во повеќе земји членки на ЕУ, согласно Законот, ЕК бара од „Мета“ воспоставување алатка за ефикасна јавна контрола за следење на содржините објавени на нејзините платформи во реално време. Во овој дел, „Мета“ има рок од пет работни дена да соопшти кои мерки ги преземени во оваа насока, по што Комисијата го задржува правото да преземе свои мерки во случај тие активностите на компанијата да ги процени за недоволни.
Доколку се потврдат сите сомнежи на ЕК, тоа би претставувало прекршување на девет членови по 13 ставови од Законот за дигитални услуги. Врз основа на резултатите од постапката, ЕК ќе донесе одлука за следните чекори.
На 25 април минатата година „Фејсбук“ и „Инстаграм“, заедно со уште 17 други социјални мрежи, пребарувачи, сајтови и страници за е-трговија, беа прогласени за „многу големи онлајн платформи“, бидејќи имаат повеќе од 45 милиони месечни активни корисници во ЕУ, по што до крајот на август мора да се усогласуваат со низа обврски утврдени во Законот за дигитални услуги. Дополнително, статус на „многу големи онлајн платформи“ им беше доделен на уште четири интернет страници