Поглед: 28
Во јавноста не стивнуваат реакциите по одлуката на Уставниот суд да одржи подготвителна седница на Законот за употреба на јазиците. Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски синоќа во телевизиско интервју изјави дека е исклучително корисно одржувањето на вакви седници и дека тоа е еден од начините на кои тие ја градат довербата и ги уверуваат граѓаните во нивната непристрасност и независност. Најави дека подготвителната седница за Законот за употребата на јазиците најверојатно ќе се одржи во март откако Уставниот суд ќе го добие пријателскиот совет од Венецијанската комисија и се усогласат термините со експертите што ќе треба да допатуваат во Скопје.
-Ќе ги судриме правните аргументи. Истото важи и за пријателскиот совет што е веќе побаран од Венецијанската комисија. Точно е од Венецијанската комисија ние имаме правно мислење за законот. Но, ние употребивме друга алатка – пријателски совет и тоа може само уставни судови да го побараат во случај кога ќе утврдат некои спорни правни прашања особено во доменот на меѓународните и европските стандарди, изјави Костадиновски.
Листата на учесници што би биле повикани на подготвителната седница на Уставниот суд, Костадиновски вели дека би била направена до 24-25 декември.