Поглед:
43
Идната владина коалиција ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ во која ќе биде и коалицијата ВЛЕН, рече претседателот на партијата Христијан Мицкоски како одговор на се погласните укажувања на Али Ахмети дека треба да се почитува волјата на граѓаните и затоа очекува ДУИ да биде повикана во Владата. Според Мицкоски бројките на освоените гласови укажува поинаку.
„Владините кандидати Стево Пендаровски и Бујар Османи освоија вкупно 300 илјади гласа. Ако го гледате резултатот на Гордана Силјановска Давкова идниот претседател и да речеме градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари тоа е близу 450 илјади гласа, што значи за еден и пол пати повеќе. Народот кажа идна коалиција во Македонија ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ а во нејзе ќе биде коалицијата која што на овие избори настапи под името ВЛЕН“, вели Христијан Мицкоски.
Ахмети вчера му порача на Мицкоски дека не е тој што треба да кажува кој ќе оди во опозиција и дека треба да се почитува волјата на граѓаните.
„И другата страна ќе го почитува ова бидејќи нема друг избор. Се сеќавате ли Зоран Заев кога пред четири години излезе „ДУИ – опозиција“, така велеше. Излегува ВМРО на Мицкоски и вели „ќе ги земам другите, а ДУИ ќе оди во опозиција“. Не е Мицкоски кој одлучува дали ДУИ оди во опозиција, туку граѓаните“, порача Али Ахмети.
Изјавите на Ахмети, според Изет Меџити имаат единствена цел да влезат во Влада со ВМРО-ДПМНЕ иако, како што рече, претходно ја напаѓаа партијата на Мицкоски. ДУИ повеќе не може да се повикува дека тие ги претставуваат Албанците, бидејќи нивен претставник е ВЛЕН, вели Меџити.
„До вчера збореа за европски руски сили алудирајќи на ВМРО-ДПМНЕ како руско влијание, ама заборавија на тоа сега бараат начин како да се одлепат од Социјалдемократскиот сојуз и да бидат пак партнер во наредната влада. Точно е дека мајскиот договор веќе не постои и точно е дека ДУИ го прекрши и тоа во 2016 и јас мислам дека добро направи што го прекрши“, порача Изет Меџити.
Иако изборите се уште не се завршени, на големи се калкулира околу идната Влада, за која и самиот Мицкоски вели дека веќе разговарал и со претседателот на ЗНАМ Максим Димитриевски, а дека посакуван партнер од албанскиот блок за него е ВЛЕН.